Денвер и Минесота синоќа ја почнаа втората рунда од плејофот во НБА, но Кливленд и Орландо дури вечерва ја завршија првата затоа што мораа да играат „мајсторка“.
Серијата во која немаше ниеден брејк, што ретко се случува во НБА, му припадна на Кливленд со 4-3 откако во одлучувачкиот меч триумфираше со 106-94. Со тоа се избори за пресметка со Бостон во втората рунда од плејофот во кој предноста на домашен терен ќе ја има противникот.
Орландо одигра добро прво полувреме во кое имаше и предност од десет разлика, но не издржа во продолжение. Се разиграа Донован Мичел, Марк Струс и Карис Леверт, Банкеро беше затворен, па Кливленд ја доби третата четвртина со 33-15 и го свртеа натпреварот во своја корист. Орландо во еден период се обиде да се врати, но домашниот тим го одби тој удар.
Мичел е нејзаслужен за големата победа, постигна 39 поени, 9 скока и 5 асистенции, Леверт додаде 15 поени, а Мобли уште 11 поени и 15 скока. Кај Орландо, Банкеро оствари дабл дабл со 38 поени и 16 скока, недоволно за прва победа во плејоф серија по пауза од 14 години. За Кливленд ова беше прв триумф во плејоф серија без Леброн Џејмс во тимот, уште од 1993 година.


