Поранешниот прославен македонски репрезентативец Владо Илиевски ја напушта позицијата спортски директор на Олимпија Љубљана, по само една сезона помината во клубот.
Неговиот договор беше на една година и тој истекува кон крајот на јуни, а раководството на словенечкиот гигант одлучи да не му понуди нов. Веќе е ангажирана и неговата замена, Шпанецот Чечу Мулеро кој одлично е запознат со оваа проблематика бидејќи безмалку две децении работеше во Валенсија и е заслужен за најголемите успеси во историјата на овој клуб.
Од 2004 до 2014 година, тој беше дел од стручниот штаб на Валенсија, а потоа девет години, до лани, ја извршуваше функцијата спортски директор. Со него во клубот, Валенсија во 2017 година стана шампион на Шпанија, а две години подоцна триумфираше во Еврокупот со што избори пласман во Евролигата и се уште е член на елитното друштво. Меѓу другото, Мулеро ја водеше Валенсија како прв тренер на 17 натпревари при што оствари девет победи и осум порази, а во 2003 и 2004 година беше дел од стручниот штаб на шпанската М20 репрезентација.
Илиевски дојде минатата година на местото на Сани Бечировиќ и направи голема работа при составувањето на тимот, ангажирајќи големи ѕвезди. За жал, тие не профункционираа како колектив и не донесоа резултат, па Олимпија ја заврши сезоната со само една победа на 18 натпревари во Еврокупот и доживеа елиминација од Мега во четвртфиналето на АБА плејофот.


