Иако МЗТ Скопје влезе како апсолутен фаворит во полуфиналната серија од домашниот плејоф, ТФТ се погрижи максимално да му ја искомплицира работата и малку недостасуваше да изненади во „Јане Сандански“.
Серијата продолжува вечерва со вториот дуел, на истото место каде ТФТ се уште нема победа во својата кратка историја. Тренерот Боро Смилковски е задоволен од виденото и прикажаното на првиот меч и очекува голема борба во која неговиот тим ќе дојде до посакуваниот брејк.
„Во неколку наврати споменав дека во оваа сезона влеговме со изменет состав, нов идентитет меѓутоа истите цели, кои што во моментов можам да кажам и дека ги остваривме. Трета година по ред сме дел од полуфиналето во домашното првенство – помеѓу четирите најдобри, а и покрај резулататскиот ‘неуспех’ во АБА 2, прикажавме достоинствена кошарка и компетитивност, а изостана некоја победа плус во навистина тесни натпревари.

Младоста и недостатокот на искуство беа нешто што мораше да се истолерира во текот на сезоната, меѓутоа желбата за раст и созревање е голема сатисфакција за нашата заедничка работа. Она на што посебно сум горд е што добивме нови млади лидери, ‘лица на оваа франшиза’ во Николов и Ташовски, кои заедно со Зафиров и Крстевски го сочинуваа квартетот млади македонски играчи на кои падна товарот да се изнесе резултатски оваа сезона. Заедно со странските кошаркари и неколкуте ветерани, сите заедно придонесоа да се спроведе еден систем и да се изгради една своевидна култура и идентитет.
Во полуфиналниот дуел со екипата на МЗТ Скопје влеговме растоварени од резултатски императив меѓутоа и тоа како гладни и мотивирани за натпреварување и надигрување. Ми се чини дека токму тоа и го покажавме на првиот натпревар, имавме добра енергија, презентиравме добра кошарка од техничко-тактички аспект и навистина можеме да бидеме задоволни од покажаното, со исклучок на конечниот резултат. Она што го добивме е самодовербата дека навистина можеме да се натпреваруваме со нив и токму тоа, вербата во она што го правиме и носиме со себе е нашиот најголем адут во обидот да дојдеме до победа на вториот натпревар и брејк во серијата. Ќе дадеме се од себе за победа, без да заборавиме како да се забавуваме на теренот“, вели Смилковски за КОШ.МК.
Натпреварот во Аеродром се игра вечерва од 19 часот. Во втората полуфинална серија се среќаваат Работнички и Пелистер каде резултатот по првите два меча е 1-1.


