Претседателот на Литванија, Гитанас Науседа во едно интервју објави дека сериозно ја разгледува можноста да му додели државјанство на кошаркарот на Жалгирис, Кинан Еванс, со цел репрезентацијата да биде засилена за олимписките квалификации.
Вакво нешто до пред извесно време беше незамисливо за Литванија која е една од ретките репрезентации во светот што не ја користеше можноста на ФИБА за натурализиран играч. Литванците буквално се гнасеа од таквата помисла и категорично отфрлаа каква било можност да видат во националниот тим кошаркар кој не е роден во Литванија, во спортот кој се смета за религија во земјата.
„Би сакал Еванс да остане во Жалгирис, но имам желба да направам нешто повеќе – да му овозможам да заигра за литванската репрезентација. Мислам дека сите би имале корист од таков потег иако има луѓе кои сметаат дека во репрезентацијата треба да играат само кошаркари со литвански корени. Ако Еванс се согласи да го смени презимето, ќе добие повик во националниот тим?“, рече Науседа во интервјуто.
Литванија се наоѓа во квалификациската група што ќе се игра во Порторико, заедно со домаќинот, Италија, Бахреин, Мексико и Брегот на Слоновата Коска.


