Екипата на Њујорк Никс продолжи со одличните резултати во годинашниот плејоф и поведе со 2-0 во серијата против Индијана откако ноќеска славеше и во вториот меч на домашен терен со 130-121.
Во голем дел победникот беше одлучен во третата четвртина која Никс ја добија со 36-18 и ја анулираа двоцифрената негатива од првото полувреме (63-73). До пресвртот дојдоа и покрај големите проблеми со повредени играчи имајќи предвид дека најдобриот кошаркар Џејлен Брансон пропушти голем дел од првиот дел, а во второто од игра излезе Оџи Ануноби кој беше мошне расположен за игра и за 28 минути на теренот постигна 28 поени.
Брансон стисна заби и блесна во второто полувреме, но прашање е каква е неговата здравствена состојба пред третиот натпревар и преселбата во Индијанаполис. Поради скратената минутажа, не ја продолжи фантастичната серија од четири меча со 40+ поени и синоќа остана на „само“ 29, но и тоа беа доволни да биде најефикасен во својот тим.

Индијана ќе мора да се вади на домашен терен во следните два меча. Синоќа најефикасен беше Тајрис Халибартон со 34 поени, а до него застана Топин со 20. По водството од 2-0, Њујорк е на половина пат од првото конференциско финале по 2000 година. Последното учество таму датира од сезоната 99/00 кога загуби токму од Индијана со 2-4. Шампионска титула во најголемиот американски град се чека веќе 51 година.


