По само една година на клупата, Франк Вогел денеска доби отказ од тренерската позиција во Феникс Санс, како последица на очајните резултати.
Тимот од Аризона имаше високи амбиции во НБА лигата, неколку суперѕвезди во ростерот и трет највисок буџет за плати, но и покрај тоа испадна во првата рунда од плејофот со 0-4 од Минесота. Пред да го преземе Феникс, Вогел три сезони беше тренер на Лос Анџелес Лејкерс со кого освои и шампионска титула во 2020 година.
Иако не е официјално потврдено, на местото на Вогел ќе дојде Мајк Баденхолзер, поранешниот тренер на Перо Антиќ од деновите поминати во Атланта Хоукс. Тој е без ангажман од минатата година кога Милвоки ја прекина соработката со него.


