Како што се најавуваше во текот на сезоната, Црвена Звезда одлучи натпреварите како домаќин од финалната серија во АБА лигата да не ги игра во белградската Арена, туку во Пионир.
„Црвено-белите“ ќе бидат организатори на првите два меча кои се на програмата на 13 и 15 мај, а клубот веќе испрати известување до сопствениците на сезонски билети. Пионир, чие официјално име е „Александар Николиќ“ има далеку помал капацитет од Арена, но тоа е можност да се направи пожестока атмосфера и притисок врз ривалот во борбата за титулата која најверојатно обезбедува уште една сезона во Евролигата.
„Сметаме дека салата ‘Александар Николиќ’ е вистински домашен терен за нашиот тим за што се изборивме и покрај многубројните препреки во основниот дел од сезоната. Атмосферата од трибината на оваа сала со години беше ветер в грб за генерациите кошаркари на Црвена Звезда кои се бореа за трофеите“, пишува, меѓу другото, во соопштението од Црвена Звезда.
За разлика од „црвено-белите“, Партизан останува во белградската Арена каде сигурно ќе има поддршка од околу 20 илјади свои навивачи. Планирано е финалната серија од АБА лигата да трае најдоцна до 25 мај.

