Оклахома Сити Тандер израмни на 2-2 во полуфиналето на Западната конференција откако славеше како гостин кај Далас со 100-96.
Со тоа, најдобриот тим на Западот по основниот дел од сезоната го врати брејкот и сега повторно има предност на домашен терен. На Далас не му беше доволен ни трипл дабл на Лука Дончиќ иако тој не беше изразен со некои екстра бројки – 18 поени, 12 скока и 10 асистенции.
Клучни за поразот на домашниот тим беа слободните фрлања бидејќи Мавс промашија дури 11 „пенали“ (12/23), вклучувајќи едно на Дончиќ на 10 секунди пред крајот со кое можеше да го израмни резултатот. За разлика од Далас, Оклахома утна само едно слободно фрлање (23/24), па тука може да се бара причината за конечниот исход. И во такви услови Далас беше конкурентен до крајот, во последната четвртина водеше со 82-75, но не го издржа пеколниот финиш на Оклахома која во тие 12 минути постигна дури 35 поени.

Шеј Гилџес Александер ги предводеше гостите со 34 поени, а најефикасен кај Далас беше Вашингтон со 21, плус 12 скока. Петтиот натпревар се игра на теренот на Оклахома.
Во вториот натпревар од синоќешната програма, Бостон го совлада Кливленд како гостин со 109-102 и веќе води со 3-1 пред враќањето на домашен терен каде може да ја реши оваа серија и да обезбеди пласман во конференциското финале. Тејтум со 33 поени и 11 скока беше најдобар играч на Селтикс, додека Гарланд го предводеше Кливленд со 30.


