Екипата на Пелистер не му дозволи на Работнички да го врати брејкот и со 3-1 обезбеди пласман во големото финале од домашниот плејоф, трета година по ред.
Во четвртиот натпревар од полуфиналната серија, битолчани славеа со 88-80 во меч во кој беа во водство безмалку 39 минути. Работнички имаше само 3-0, Пелистер одговори со десет поени по ред и потоа се одеше на сметка на домаќинот на овој натпревар.
Во седмата минута Пелистер имаше двоцифрено водство (20-10), а пред крајот на првата четвртина и 29-18. Работнички не најде одговор во одбраната и веќе до полувреме имаше 48 примени поени. На средина од третиот квартал, Пелистер ги достигна највисоките +17 (62-45), но нешто подоцна дојде единствениот период во кој Работнички беше подобар тим на теренот.
Со серија од 12-0, гостите се доближија на само четири поени негатива (62-66), на стартот од последната четвртина и тоа беше се од 15-кратниот шампион на Македонија. Пелистер врати со осум поени и со тоа ги уништи сите надежи на Работнички дека може да дојде до триумф и до продолжување на сонот за прво финале по пауза од пет години.
Јуре Планиниќ беше најдобар играч на Пелистер со 23 поени и 13 скока, а го следеше Маслинко со 20 поени. Рикиќ и Декоузи го предводеа Работнички со по 18 поени. Во големото финале, предноста на домашниот терен ќе ја има МЗТ Скопје, а серијата најверојатно ќе почне во текот на викендот.


