Битола уште го чека првиот трофеј на својот кошаркарски тим, но Пелистер последните три сезони е една од доминантните сили во македонската кошарка.
Од 2021 година, клубот е во постојан подем и ако вака продолжи, веројатно не е далеку денот кога ќе се израдува на пехар од првенството или Купот на Македонија. Веќе е редовен учесник во АБА 2 лигата, а сезонава отиде чекор понатаму во својот развој.
Првпат во својата историја, Пелистер игра две финалиња во една сезона. Пред три месеци стигна до мечот за титулата во Купот на Македонија каде несреќно загуби од МЗТ Скопје со кош во последните секунди, а од сабота ќе игра во финалето од плејофот, против истиот ривал, трета година по ред.
Пелистер е и единствен тим кој сезонава два пати го победи МЗТ Скопје во првенството, но меѓусебниот биланс изнесува 2-2 бидејќи актуелниот шампион триумфираше во АБА дуелот и во финалето од Купот.


