Иако повеќе од три децении беа големи ривали на трибините кога играа Работнички и МЗТ Скопје, Сити Парк Бојс вечерва достојно, за последен пат го поздравија Марјан Михајловски кој почина минатата недела.
„Почивај во мир, Маци“, напишаа на транспарентот навивачите на клубот од Градски парк за време на натпреварот против ТФТ кој се игра во рамките на борбата за третото место во домашното првенство, а потоа и го скандираа неговото име.
Михајловски беше мошне почитуван во својата населба Аеродром, но поради неговиот карактер и спортски дух, го почитуваа и од другата страна на Железничка. Многу често можеше да се види на иста маса со членови на Сити Парк Бојс со кои ривалството беше само на кошаркарските терени.


