Од денеска до вторник во Гевгелија ќе се одржи завршниот турнир од јуниорското кошаркарско првенство во машка конкуренција на кој, покрај домаќинот Кожув, ќе учествуваат уште екипите на Водно Санс, Феникс и Вардар.
Тоа ќе биде можност за ново кошаркарско уживање на гевгеличани кои не така одамна имаа можност да го бодрат Кожув во неговата борба за освојување на трофеите во македонската кошарка во сениорска конкуренција. Иако во прашање е турнир во јуниорска категорија, со него почнува обидот, клубот да се врати на победнички патеки. Поранешниот македонски репрезентативец Александар Димитровски кој од неодамна е претседател на КК Кожув заедно со неговите соработници најавуваат нова ера во постоењето на клубот.
„Ова не е лично мој проект, туку на цела Гевгелија и очекувам сите активно да се вклучат во акцијата за нов подем на Кожув. Во клубот остануваат досегашните раководители, некои од нив на нови функции. Тука се Зафир Хаџи Митров, Зафир Чучанов, Димитар Димитров-Моте, Трајче Стојанов и тренерите Апостоли Апостолов и Илија Ефтимов. Заради развој и напредок на младите категории формиран е КК Гевгелија кој се натпреваруваше во Третата лига, предводен од поранешниот кошаркар Томче Дуев и Мицко Алексовски. Сите заедно треба да помогнеме, Кожув да се врати на старите патеки и повторно да стане еден од најсилните клубови во земјава.

Завршниот турнир во У18 лигата е првиот чекор кон тоа, Кожув има фантастична генерација јуниори кои се надевам дека ќе ја освојат титулата и ќе ги израдуваат сите гевгеличани. Од нив, веќе од идната сезона, некои треба да станат стандардни првотимци, а во иднина и носители на играта на Кожув“, изјави Димитровски.
Денешната програма почнува од 16 часот, први на теренот излегуваат Водно Санс и Феникс, а од 19, домаќинот ќе се сретне со Вардар.


