Екипата на Далас Маверикс поведе со 1-0 во финалната серија од Западната конференција откако како гостин ја совлада Минесота со 108-105.
Исклучително интересниот и неизвесен натпревар беше решен во последните минути, а претходно двете екипи повеќе пати се сменија во водство. Се чинеше дека се е готово кога Далас направи серија од 15-0 за водство од 97-89, но Минесота одговори со 13-1 за преземање на предноста (102-98). И повторно гостите имаа одговор, постигнаа осум поени по ред, последните преку Лука Дончиќ на 50 секунди пред крајот за 106-102. Таунс потоа промаши тројка за надеж, па Далас мирно го приведе натпреварот кон крајот.
Блескаа првите ѕвезди на Далас, Лука Дончиќ и Ирвинг кои заедно постигнаа безмалку две третини од поените на својот тим. Словенецот беше најефикасен со 33 поени на кои додаде 8 асистенции и 6 скока, додека Ирвинг застана на 30 поени.

Мекдениелс ја предводеше Минесота со 24 поени, а потфрлија Едвардс и Таунс кои заедно постигнаа 35 поени, но со шут од игра 12/36. Вториот натпревар од серијата се игра утре вечер, повторно во Минеаполис.


