Сезоната во македонската клупска кошарка би можела да заврши денеска ако МЗТ Скопје триумфира во третиот меч од финалната серија против Пелистер.
Дуелот се игра во Битола, од 18:30 часот, а ситуацијата со актуелниот шампион е специфична бидејќи е во можност, двата најзначајни трофеја да ги освои и прослави во салата „Боро Чурлевски“. Во февруари годинава, таму го освои Купот на Македонија, а вечерва би можел да го крене и трофејот од домашното првенство.
Пелистер на двата натпревара што се играа во Скопје беше блиску до брејк, но успеа да стигне до него. Двата меча, МЗТ ги доби со по пет разлика со тоа што битолскиот тим долго време беше во игра за триумф. Сето тоа, заедно со она финале од Купот кое беше решено во последните секунди, им дава надеж на кошаркарите на Дарко Радуловиќ дека можеби можат да го одложат крунисувањето, па можеби и да станат првиот тим во историјата на македонската кошарка кој дошол до титулата по негатива од 0-2.
Ако МЗТ Скопје победи, тоа ќе биде петта титула по ред и вкупно 11. во историјата на клубот. Ако победи Пелистер, четвртиот меч повторно ќе се игра во Битола.


