Андреј Јакимовски и идната сезона ќе настапува во НЦАА, но тимот на Вашингтон Стејт Кугарс ќе го замени со Колорадо Бафалос.
По одморот во татковината, тој за два дена се враќа во САД каде ќе работи со новиот тим, во обид максимално подготвен да ја дочека новата сезона. Години наназад тој не можеше да игра за репрезентацијата поради обврските во НЦАА. За претстојната сезона, тој изрази надеж дека, сепак, ќе му биде на располагање на селекторот Александар Јончевски.
„Секогаш кога се собирите на националниот тим, без оглед на тоа дали во февруари или во ноември, ми доаѓаат некои слики во кои се гледам себеси како сум дел од тимот. А, сепак сум толку далеку, илјадници километри. Она што можам да го кажам, да го ветам во овој момент е дека јас сум секогаш тука, на располагање. И во моите први контакти со новиот тренер, со менаџерскиот тим, го потенцирав тој момент, секогаш, доколку е тоа можно, да бидам со своите соиграчи од репрезентацијата, макар и на една недела. Се надевам дека овојпат ќе наидам на разбирање кај сите во мојот нов тим, и дека веќе во ноември ќе бидам тука за наредните репрезентативни предизвици“, вели Јакимовски.
Македонија досега оствари по една победа и пораз во квалификациите, а до крајот остануваат уште четири меча, два во ноември и два во февруари.


