Некогашниот француски гигант Лимож се наоѓа во исклучително тешка ситуација поради што би можел идната сезона да игра аматерска кошарка.
Клубот има огромни финансиски проблеми и не добил лиценца од Кошаркарската федерација за натпреварување во двата највисоки ранга во француската кошарка. Менаџментот на Лимож има осум дена за жалба, но тешко дека ќе успее да ги увери челниците дека е способно да го извади клубот од кризата. Ако одлуката остане на сила, екипата ќе игра во Третата лига која е аматерска.
Лимож е клуб со богата историја, втор најтрофеен во француското првенство, зад Асвел, со 11 шампионски титули, последната од нив освоена во 2015 година. Златните години на Лимож беа 80. од минатиот век иако најголемиот успех го оствари во 1993 година, со освојувањето на титулата во тогашниот Куп на европски шампиони, под водство на Божидар Маљковиќ.


