Панатинаикос во неделата ја освои својата седма, а Ергин Атаман третата титула во Евролигата.
Грчкиот клуб има пет трофеи од елитното натпреварување со Жељко Обрадовиќ на клупата, а по неговото заминување, 12 години не успеа да стигне ни до завршниот турнир. Се до доаѓањето на Ергин Атаман.
Турскиот стручњак лани го презеде Панатинаикос и во својата прва сезона стигна до титулата во Евролигата. Лани го водеше Анадолу Ефес со кого триумфираше во домашното првенство, но уште пред крајот на сезоната беше јасно дека ќе си оди оттаму. Идејата за негова преселба во Панатинаикос била на менаџерот Мишко Ражнатовиќ кој на социјалните мрежи ја објави комуникацијата со сопственикот на атинскиот клуб Димитрис Јанакопулос.
„Меѓу нас… Ако сакаш летово нешто поголемо или посилно – Атаман. Сигурен сум дека ова е многу подобро за грчката војна од шпанските варијанти. Ќе зборуваме кога ќе дојде време, само да знаеш дека не е невозможно ако си заинтересиран. Многу ќе зависи од плејофот во Евролигата“, му напишал Ражнатовиќ на Јанакопулос на 8 март 2023 година.

„Здраво, Атаман е моја омилена лилност во европската кошарка. Да, многу сум заинтересиран, ќе те побарам наскоро“, бил одговорот на сопственикот на ПАО.
Во тој период, европските медиуми шпекулираа дека нов тренер на Панатинаикос ќе биде Пабло Ласо кој подоцна отпадна од конкуренција и го презеде Баерн. Од друга страна, за воодушевување е довербата на Јанакопулос кон Ражнатовиќ имајќи предвид дека претходно направи голема грешка со Дејан Радоњиќ, уште еден од клиентите на српскиот менаџер.


