Екипата на Мурсија е на прагот на едно од најголемите изненадувања во поновата историја на шпанскиот кошаркарски шампионат.
По два натпревара од полуфиналната серија против Уникаха, Мурсија води со 2-0, но изненадувањето е во тоа што до двете победи дојде на гостински терен, па во следните два меча, пред своите навивачи, ќе има можност првпат во историјата да се пласира во големото финале. За потсетување, Уникаха го освои првото место во АЦБ лигата во основниот дел од сезоната.
Вечерва Мурсија триумфираше со 101-83, а одлучувачка беше третата четвртина која ја доби со 30-16. Во тој период одлично функционираше шутот на гостинските кошаркари кои потоа само рутински го сочуваа водството.
Ниедна екипа во историјата на шпанскиот плејоф не успеала да се врати по негатива од 0-2 што е доволен доказ колку тешка работа ја очекува Уникаха.


