Иако голем фаворит за титулата, Задар вечерва мора да се спасува и да брка победа што ќе го одржи во живот во финалната серија од хрватското првенство.
Со предност од 2-1, Сплит вечерва го очекува актуелниот шампион, а трибините на салата Грипе ќе бидат преполнети, дури и над капацитетот на седиштата. Влезниците за вечерашниот натпревар, кој почнува во 20 часот, се разграбани уште во средата вечер, откако Сплит победи во третиот меч и дојде до нова предност во финалната серија. Поранешниот европски шампион ја чека шампионската титула во домашното првенство од 2003 година кога во екипата беа Дино Раѓа, Јуре Здовц, Андрија Жижиќ итн.
Тоа е и единствена титула за Сплит по осамостојувањето на Хрватска во чие првенство доминира Цибона со 20 трофеи, Цедевита додека играше таму освои пет, Задар има четири, а Загреб една. Задар, во чии редови е македонскиот репрезентативец Адем Мекиќ, нема право на нов пораз ако сака да се избори за „мајсторка“ и да ги продолжи надежите за двојна круна.


