Македонскиот репрезентативец Адем Мекиќ освои уште еден шампионски трофеј во Хрватска и ја комплетира двојната круна со тимот на Задар.
Во „мајсторката“ од финалната серија против Сплит, Задар оствари убедлива победа со 93-66 и ја потврди доминацијата во домашната кошарка. Пред повеќе од 8.000 навивачи во арената „Крешимир Ќосиќ“, задрани доминираа од првата до последната минута и апсолутно заслужено се закитија со уште еден шампионски трофеј.
За Задар тоа е вкупно 11. шампионска титула во неговата историја, а петта од осамостојувањето на Хрватска со што се наоѓа на второто место, зад Цибона која има 20. Првпат во своето постоење, Задар успеа да го одбрани пехарот во хрварското првенство. Убедливо најдобар играч во финалната серија беше Лука Божиќ кој вечерва постигна 19 поени, 9 асистенции и 6 скока. Адем Мекиќ на теренот помина безмалку 15 минути и за тој период запиша пет поени, еден скок и една асистенција.


