Менаџментот на Барселона е во завршна фаза од преговорите со повремениот шпански репрезентативец Хуан Нуњез, тврдат медиумите во Каталонија.
Интересно е тоа што 20-годишниот Нуњез е производ на школата на Реал Мадрид, во сезоната 2021/22 дебитираше во првиот и одигра десет натпревари, но поради големата конкуренција на плејмејкерската позиција беше принуден да си замине, Последните две сезони ги помина во германскиот тим Улм со кого лани ја освои титулата во Бундеслигата.
Најголемите успеси ги оствари со младинските селекции на Шпанија, во 2019 година беше кадетски, а во 2022 и младински шампион на Европа, а претстојново лето веројатно ќе имаме можност да го видиме на дуел против Македонија на У20 првенството што ќе се одржи во Полска. Шпанија е во група со нашата репрезентација, а Нуњез би требало да биде дел од тимот на „фуријата“ ако не добие повик во сениорската селекција за олимписките квалификации.


