Екипата на Мурсија е најпријатното изненадување во европската кошарка оваа сезона и како награда за тоа, првпат во своето постоење ќе игра во финалето од АЦБ лигата.
Тимот од југоистокот на Шпанија славеше со 3-2 во една од најчудните серии. Подобар беше од лидерот по основниот дел на сезоната Уникаха во полуфиналето во кое ниедна од екипите не успеа да победи на домашен терен. Мурсија поведе со 2-0 по двата триумфа во Малага, потоа Уникаха врати на идентичен начин за вечерва повторно да слави гостинскиот тим (70-79) и да се пласира во финалето.
Таму ќе се сретне со Реал Мадрид кој во три меча ја елиминира Барселона и ќе ја има предноста на домашниот терен против Мурсија.


