Црвена Звезда најверојатно ја одбрани титулата во српското првенство откако денеска ја доби „партијата шах“ и играта на нерви против Партизан.
На иницијатива на „црвено-белите“, вториот меч од финалната серија беше прекинат по само две минути игра во второто полувреме. Тие заминаа во соблекувална затоа што кон нив беа фрлани тврди предмети, мечот беше во прекин безмалку два часа, а во меѓувреме официјалниот спикер во белградската Арена соопшти дека тој нема да се доигра денеска, туку утре.
Очигледно дошло до „прекин во врската“ бидејќи се покажа дека оваа информација не е сосема точна иако и српските медиуми подоцна објавија дека делегатот наложил натпреварот да се доигра в четврток. Играчите и стручниот штаб ја напуштија Арената, а откако се случи тоа, кошаркарите на Црвена Звезда се вратија на терен за да го доиграат натпреварот. Се вратија и судиите, па почна одбројувањето од 15 минути, период во кој „црно-белите“ требаше да се вратат за да играат. До тоа не дојде, топката официјално беше изведена и арбитрите го прекинаа мечот.
Со оглед на тоа што противничкиот тим не беше присутен, натпреварот сега дефинитивно е прекинат и се очекува утре да биде регистриран со службен резултат 20-0 за Црвена Звезда, а со тоа да биде заверена шампионската титула на овој тим, деветта по ред.


