Не беше како во Белград, но и најголемото грчко дерби синоќа помина во тензична атмосфера со тоа што таму не беа во главна улога навивачите, туку актерите на двете екипи.
Олимпијакос направи брејк на стартот од финалната серија во првенството на Грција, совладувајќи го Панатинаикос во ОАКА со 89-84. Во главна улога беше тренерот на ПАО, Ергин Атаман кој негодуваше во текот на целиот натпревар, едно време тврдеше дека натпреварот е наместен, а на крајот урлаше по ходниците, барајќи во иднина да судат странски арбитри.
„Сега разбирам зошто во грчкиот фудбал судат странци. Те молам, зборувај со Јанакопулос и барајте странски судии. Ако не може, се е наместено“, викаше Атаман.
Турскиот стручњак не го дочека крајот на натпреварот на клупата бидејќи во финишот беше исклучен поради две технички грешки. При излегувањето, иронично им аплаудираше на судиите за што веројатно ќе биде драстично казнет.


