Кошаркарот на Задар, Лука Божиќ ја одби поканата, летово да заигра за хрватската репрезентација во квалификациите за Олимписките игри.
Хрватска ќе учествува на турнирот во Пиреја од 2 до 7 јули, заедно со Словенија, Нов Зеланд, Грција, Египет и Доминиканска Република. Божиќ, кој два пати по ред е прогласен за МВП на сезоната во АБА лигата, веќе една година не игра за националниот тим и ова е четврта репрезентативна акција која ќе ја пропушти. Како причина за својата одлука тој го навел заморот од сезоната во која со Задар ја освои двојната круна во Хрватска и играше во плејофот од АБА лигата.
„Разговарав со Лука кој изрази желба да ги прескокне овие квалификации. Ми рече дека е уморен од напорната и долга сезона и дека сака да се одмори“, изјави Сесар.
Хрватските медиуми шпекулираат и дека не сака да го облече репрезентативниот дрес затоа што тренерот на Задар, Данијел Јусуп е во лоши односи со Кошаркарскиот сојуз и со Сесар. На списокот на репрезентацијата се најдоа НБА ѕвездите Даријо Шариќ и Ивица Зубац кои ќе се приклучат на подготовките на 17 јуни.


