Екипата на Уникс не успеа да ја одбрани титулата во ВТБ лигата откако во финалната серија загуби од ЦСКА со 1-4.
Незадоволен од ваквиот исход е и македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ иако тој беше убедливо најдобар играч во својот тим. Плејмејкерот на Уникс го освои признанието за МВП на основниот дел од сезоната кој тимот од Казан го заврши на првото место.
„Уникс не ја заврши сезоната како што планираше и затоа сите сме тажни. Дадовме се од себе за да ја освоиме титулата, но за жал, тоа не беше доволно. Од срце им благодарам на нашите фанови за поддршката во текот на цела сезона“, изјави Димитријевиќ.
Вчерашниот меч против ЦСКА можеби беше последен за него во дресот на Уникс бидејќи тој веќе има понуди од неколку евролигашки клубови.


