Актуелниот грчки првак Олимпијакос славеше и во вториот натпревар од финалната серија во домашното првенство, совладувајќи го како домаќин Панатинаикос со 92-86.
Тимот од Пиреја сега води со 2-0 и му е потребна уште една победа за трета шампионска титула по ред во грчкиот шампионат. Од друга страна, Панатинаикос треба да направи чудо какво ретко се гледа и три пати по ред да триумфира против својот најголем ривал за да ја прекине неговата доминација во домашната кошарка.
Клучна за победата на Олимпијакос беше серијата од 19-3 во третата четвртина по која „црвено-белите отидоа на 60-46. Во ефикасниот последен квартал кој заврши 30-31, ПАО се доближи на шест поени негатива, но не го загрози триумфот на домашниот тим.
Првата меч-топка Олимпијакос ќе ја има в понеделникот на теренот на противникот, а ако не успее да победи, ќе се обиде да дојде до титулата на 12 јуни пред своите навивачи во „Мир и пријателство“.


