Поранешниот шпански репрезентативец Серж Ибака би можел по 13 години да се врати во Реал Мадрид ако се остварат најавите за негов трансфер во редовите на „кралскиот клуб“.
Лани тој се врати во Европа и тоа во дресот на Баерн Минхен, но со овој клуб потпиша договор на една сезона кој истекува по завршувањето на плејофот во Бундеслигата. Марка денеска објави дека тој ќе се врати во Реал како замена за Венсан Поарие кој најверојатно ќе ја продолжи кариерата во Анадолу Ефес.
Ибака во септември ќе наполни 35 години, 14 сезони играше во НБА лигата, а има и шампионска титула освоена со Торонто во 2019. Добро им е познат и на македонските репрезентативци бидејќи се соочија со него на фамозното европско првенство во Литванија во 2011 кога Шпанија ја освои титулата, а Македонија заврши на четвртото место.


