Иако неодамна имаше најава дека ќе го продолжи договорот со Монако, за Мајк Џејмс се отвораат нови можности во кариерата.
Грчки медиуми тврдат дека за него е заинтересиран актуелниот шампион на оваа земја Олимпијакос кој веќе презел акција да го донесе во своите редови. Наводно, испратена е богата понуда за неговиот потпис и во следните денови се очекува одговорот од Џејмс кој деновиве со Монако го игра финалето од француското првенство.
„Расположението кај Џејмс е позитивно и сѐ наведува на тоа дека тој идната сезона ќе носи црвено-бело. Понудата на Олимпијакос е добра поради што се очекува наскоро да почнат официјални преговори“, тврдат Грците.
Олимпијакос веќе преговараше со Тајлер Дорси и се наоѓаше пред потпис со него, но тоа е ставено на чекање додека не се искристализира ситуацијата со Џејмс. Барселона од позадина го очекува развојот на настаните и е подготвена да го донесе Дорси во своите редови.

