Денеска од 16 часот во СРЦ Кале официјално почнуваат подготовките на У20 репрезентацијата на Македонија за Европското првенство кое идниот месец ќе се одржи во Полска.
Оваа селекција е единствена која летово ќе ја претставува Македонија во А-дивизија откако пласман во неа обезбеди со второто место на ланскиот шампионат во Скопје. За разлика од тогаш, на клупата ќе биде Боро Смилковски кому ова ќе му биде прво селекторско искуство. Младиот стручњак ја прифати поканата од Федерацијата да ги предводи младинците и покрај големите обврски со својот клуб ТФТ каде го прави тимот за идната сезона.
„Повикот да бидам селектор на младинската репрезентација на Македонија дојде неочекувано, искрено за истата функција немав ни размислувано и дојде во период кога целосно бев посветен на клупските обврски во обидот на остварување на што подобар резултат во сезонава. Истиот за мене претставуваше своевиден кредибилитет и легитимитет на мојата досегашна работа.
Големиот предизвик и одговорност што со себе ги носи оваа функција заедно со довербата што ја добив од раководните луѓе на Федерацијата беа нештата за конфирмативно да одговорам и да ја прифатам поканата да бидам селектор на М20 репрезентацијата на Македонија“, рече Смилковски за КОШ.МК.
Македонската репрезентација денеска ќе го има првиот собир, шестмина од играчите настапија и лани на првенството во Скопје, а останатите во најголем дел во минатото играа во помладите селекции на Македонија. Смилковски добро ги познава играчите, а имаше и доволно време да стапи во контакт со нив.
„Заедно со стручниот штаб веднаш започнавме процес на селекција, преку поширок список на играчи дојдовме до некоја оптимална бројка со која ке го започнеме тренажниот процес и преку која ке дојдеме до бројката од 12 играчи со кои ке настапиме на првенството во Полска.
Направени се консултации и разговори со играчите, веќе дел од нив се влезени во пред подготовка со кондициониот тренер, очекуваме дека играчите ке бидат со добра базична подготовка на самиот старт“, вели новиот селектор.
Со оглед на тоа што во минатото македонските У20 селекции немаа голем успех на ретките европски првенства на кои настапуваа, се поставува прашањето кој е лимитот на оваа генерација која пред себе ќе има исклучително тешка задача.
„А-дивизија У20, сериозен левел и сериозни противници. Резултатски – целта е да се избориме за опстанок во елитното друштво. Лично, желба ми е да ја подобриме перцепцијата кај играчите и да презентираме добра кошарка.
Пред нас следи микро циклус кој започнува денес, во истиот се планирани 6 подготвителни натпревари (2 со Црна Гора гости 20/21.06. и 4 во Скопје од кои 2 со Словачка 28/29.06, натпревар против микс колеџ селекција на САД 04.06. и со Швајцарија 06.07.)“, завршува Смилковски.


