Реал Мадрид поведе со 2-0 во финалната серија од шпанското првенство откако ја совлада Мурсија со 79-63 и потребна му е уште една победа за да ја прослави шампионската титула.
Синоќешниот меч беше можеби последен во кариерата за Руди Фернандез пред мадридската публика, па навивачите на Реал емотивно се збогуваа со него, скандирајќи го неговото име неколку минути во финишот од мечот. Теоретски, можно е Реал да се врати во својата арена за евентуелната „мајсторка“, но реално е голем фаворит за триумф на еден од двата дуела што се играат на теренот на Мурсија и многу веројатно таму ќе ја заврши својата работа за оваа сезона.
Руди Фернандез одамна објави дека оваа сезона е последна за него во кариерата и по нејзиното завршување оди во пензија. Против Мурсија се бори за својата седма шампионска титула во шпанското првенство, а потоа ќе му остане само уште настапот за репрезентацијата во квалификациите за Олимписките игри и евентуално на најголемиот спортски настан што ќе се одржи во Париз.


