Кошаркарскиот клуб Партизан и тренерот на овој тим Жељко Обрадовиќ добија жестоки казни поради немирите во финалната серија од српското првенство.
Партизан загуби со 0-2 и остана без шампионскиот трофеј, а притоа ќе мора да плати околу 15 илјади евра за казни (1.860.000 динари). Најмногу, по 600 илјади динари, поради тоа што тимот не се врати на терен на вториот натопревар од финалето и за неспортското навивање на навивачите, упатени навреди кон Теодосиќ, Недовиќ и Човиќ и нивните семејства и празнење на арената.
Посебна казна доби тренерот Жељко Обрадовиќ кој е суспендиран на четири натпревари затоа што не го врати тимот на терен по прекинот на спомнатиот втор натпревар.
Казна, но многу помала, доби и Црвена Звезда која мора да плати 780 илјади динари за пропусти при организацијата на првиот натпревар, а индивидуално се казнети и Милош Теодосиќ, Дејан Давидовац и Рокас Гиедраитис.


