Човекот чија силуета се наоѓа на логото на НБА, Џери Вест почина денеска, на 86-годишна возраст.
Беше активен кошаркар од 1960 до 1974 година, а целата своја играчка кариера ја помина во Лејкерс, прво во Минеаполис, потоа во Лос Анџелес. Освои една шампионска титула, во 1972 година, а ќе остане запамтен како единствен кошаркар кој бил прогласен за МВП на финалето (1969), а неговиот тим загубил.
По завршувањето на играчката кариера, три години беше тренер на Лејкерс, а потоа работеше како генерален менаџер на оваа франшиза при што го креираше „шоутајм“ тимот, предводен од Меџик Џонсон и Карим Абдул-Џабар. Негово дело е трансферот на Шекил Онил во тимот од Лос Анџелес и династијата која освои три титули во низа, од 2000 до 2002 година.
Во Лејкерс помина 21 година како генерален менаџер, а потоа пет години помина во Мемфис и уште шест во Голден Стејт каде исто така создаде шампионска династија. До последниот ден од животот, Вест беше активен, од 2017 година како функционер во Лос Анџелес Клиперс каде, исто така, имаше неколку звучни трансфери.
Дури 14 пати беше избиран на Ол стар натпреварите, во 1972 година го доби МВП признанието, 10 пати беше дел од идеалната петорка на лигата, четири пати дел од најдобриот дефанзивен тим и освои бројни индивидуални награди. Како играч, постигна 25.192 поена со што во моментов се наоѓа на 25. место на вечната листа, оствари 5.366 скока и 6.238 асистенции. Со американската репрезентација има еден златен медал од Олимписките игри, во 1960 година.


