Полуфиналистот во хрватското кошаркарско првенство Динамо Загреб не сака да игра во АБА 2 иако фигурира на списокот од 12 сигурни учесници во регионалното натпреварување, потврден од раководството на лигата.
Дека не станува збор за шпекулација, потврди клубот преку официјално соопштение во кое објавува дека нема да учествува во АБА 2.
„Драги навивачи, сакаме да ги демантираме информациите објавени во медиумите дека Динамо идната сезона ќе игра во АБА 2. На овој начин ги известуваме сите дека Динамо НЕМА да учествува во тоа натпреварување. Наскоро ќе ве известиме за нашите европски планови за идната сезона и се надева дека ќе играме во некој од куповите на ФИБА“, стои во соопштението од Динамо.
Нејасно е кој го пријавил загрепскиот клуб, спротивно на волјата на раководството и како АБА ја прифатила апликацијата без потврда од Динамо. Неговото место најверојатно ќе го пополни Шибенка која беше на листата на клубови кои очекуваат специјална покана. Ако тоа се случи, за четирите покани ќе останат да конкурираат осум клуба од пет држави.


