Два дена по официјалниот крај на сезоната во шпанската кошарка, Барселона го назначи својот нов тренер кој доаѓа како замена за Рожер Гримау.
Иако претходните недели се шпекулираше со Димитрис Итудис и Чави Пасквал, изборот падна на Жоан Пењароја, поранешен тренер на Валенсија и Басконија кој беше без ангажман од октомври 2023 кога доби отказ од баскискиот клуб. Наводно, Итудис и Пасквал биле прескапи за Барса која не е во можност да се расфрла со пари, па мораше да бара поевтино решение.
Пењароја доаѓа во исклучително тешка ситуација за клубот кој последната сезона ја заврши без трофеј и во длабока сенка на Реал Мадрид. Во дури три натпреварувања испадна од својот најголем ривал: Суперкупот (полуфинале), Копа дел Реј (финале) и првенството (полуфинале), а во Евролигата беше елиминиран од Олимпијакос во четвртфиналето.
Своите најголеми успеси, Пењароја ги оствари со тимот на Бургос со кого освои два трофеја во Лигата на шампионите на ФИБА.


