Со завршниот турнир во У16 лигата во женска конкуренција, вчера официјално заврши сезоната во младинската кошарка во Македонија.
Убедливо најуспешен е Вардар чија школа повторно доминираше и од осум категории, освои пет титули и во една играше финале. Поради тоа, ова е историска сезона за „црвен-црните“ кои во последните две децении имаат убедливо најмногу трофеи во македонската кошарка, но никогаш не се случило да освојат пет титули во една натпреварувачка кампања. Досегашниот рекорд изнесуваше четири.

И во машка и во женска конкуренција, екипите на Вардар играа по три финалиња со тоа што девојчињата беа поуспешни и остварија максимален ефект. Така, клубот од Кале сега е шампион во У14, У16 и У18 конкуренцијата, а само во У12 не успеа да дојде до трофејот и таму со титулата се закити КК Петровски од Битола.
Вардар играше финале во истите категории и кај момчињата (У14, У16 и У18) и ги освои трофеите во пионерска и јуниорска конкуренција. Кадетите во финалето загувија од Водно Санс во еден од најатрактивните дуели во македонската јуниорска кошарка последните години. Во пионерска конкуренција, титулата ја освои Феникс.

Позитивно за Вардар е тоа што голем дел од играчите кои настапија во младинските екипи, се (стандардни) првотимци во машката и женската сениорска екипа што е и главна стратегија во клубот. Најкорисната кошаркарка на завршниот турнир во кадетска конкуренција Јана Пислевска има само 15 години и е дел од сениорскиот тим, заедно со Мила Начевска (исто така 15 години), Кукунешовска и Мариновска. Истото важи и за У18 екипата од која во првиот тим се Николиќ, Џангаровска, Ања Начевска, Анастасијеска и Тасовски.
Од машките екипи, во сениорскиот тим кој се натпреварува во Првата лига од јуниорската екипа се Марко Лукановски (МВП на завршниот турнир), Марјановиќ, Тачи, Младеновски…, а од кадетската уште Терзиевски, Данев, Стојановски, Ѓорѓевиќ… Со сите нив работат тренерите: Јованчев, Ашаданов, Илчевски, Јованов, Наков, Николиќ и Стојмановиќ.


