Освен списокот на учесници во Евролигата, денеска е објавена и листата на клубови кои ќе се натпреваруваат во Еврокупот претстојната сезона.
Интересно е тоа што во оваа конкуренција го нема долгонајавуваниот проект Дубаи кој требаше полека да си го трасира патот кон Евролигата. Клубот кој по се изгледа ќе го води Александар Ѓорѓевиќ, не сакал да плати 1,5 милион евра за специјална покана, а за менаџментот неприфатливо било и тоа што во случај на освојување на титулата, нема да има право на настап во Евролигата. Ова значи дека Дубаи претстојната сезона ќе игра само во АБА лигата, а понатаму ќе се одлучува за новите чекори.

Во конкуренција не е уште еден амбициозен проект – Лондон кој уште претходната сезона се соочи со финансиски проблеми. Некои од главните играчи си заминаа среде кампања, а неизвесна е иднината на клубот кој имаше цел наскоро да стигне до Евролигата.


