По Руди Фернандес, Реал Мадрид остана без уште еден од ветераните кои беа дел од можеби најуспешната ера во историјата на клубот.
Во пензија замина плејмејкерот Серхио Родригес кој денеска преку писмо на социјалните мрежи објави дека ја завршува својата богата кариера, на 38-годишна возраст. Минатата недела имаше шпекулации дека ќе продолжи да игра во Гран Канарија, но тоа, сепак, нема да се случи.
Популарниот Чачо ја почна својата професионална кариера во Естудијантес во 2003 година, четири сезони потоа помина во НБА, во екипите на Портланд, Сакраменто и Њујорк за во 2010 година да се врати во татковината, но во редовите на Реал. Таму остана шест сезони по што повторно се обиде во НБА, преку Филаделфија за една година подоцна да ја заврши својата авантура во САД и со ЦСКА, Олимпија Милано и пак Реал да дојде до крајот на кариерата.
Во пензија заминува со 24 трофеи од кои 17 освоени со Реал Мадрид. Беше дел и од успесите на шпанската репрезентација со која освои седум медали, вклучувајќи титула од Европското првенство во 2015 година и од Мундијалот во 2006.


