Откако успеа да обезбеди опстанок во Првата лига, Александар Јованчев го продолжи договорот со Вардар и претстојната сезона ќе ги води „црвено-црните“.
Селекторот на кадетската репрезентација на Македонија потпиша на 1+1 година, па ќе има можност да го продолжи она што го почна. Вардар имаше најмлад тим во елитната конкуренција, со голем број младински, јуниорски и кадетски репрезентативци, а сепак успеа да се спаси од испаѓање и да остане во елитата.
Покрај него, раководството на клубот ги продолжи договорите со уште четворица кошаркари кои имаа голем придонес за резултатите минататаг сезона.
Под Кале ќе останат капитенот Хусеин Бајрам, сениорскиот репрезентативец Амар Хот, поранешниот У20 репрезентативец Филип Наков и еден од најперспективните кошаркари во земјава Марко Луканоски. Тоа значи дека Вардар го задржува костурот на тимот од минатата сезона, а во следниот период ќе го комплетира тимот кој ќе почне новата натпреварувачка кампања.


