Новиот претседателот на Детроит Пистонс, Троужан Ленгдон одлучи да ја прекине соработката со Монти Вилијамс и тој е седмиот тренер кој доби отказ по завршувањето на сезоната во НБА лигата.
Вилијамс си заминува по само една сезона во тимот од Мичиген, но во неа не се прослави многу имајќи предвид дека оствари само 14 победи на 82 натпревара во основниот дел од шампионатот. Во еден период тимот беше во серија од 28 порази и заврши како убедливо најлош тим во лигата.
Сепак, несфатлива е одлуката на новиот менаџмент на Пистонс ако се знае дека лани Вилијамс потпиша договор на шест години за вкупна сума од 78 милиони долари што значи дека на тренерот ќе му бидат исплатени 65 милиони долари иако во иднина нема да ја води екипата. Вилијамс и лани доби отштета од 20 милиони долари затоа што Феникс предвреме го раскина договорот со него.
Како најсериозен кандидат за тренерската позиција во Детроит се спомнува Џејмс Борего кој работи како асистент во Њу Орлеанс.


