Олимпискиот кошаркарски турнир во Париз ќе биде еден од најсилните во историјата бидејќи покрај САД, Франција и Србија, со исклучително силен тим ќе настапи и репрезентацијата на Канада.
Селекторот Жорди Фернандес денеска го објави поширокиот список од 20 кошаркари кои ќе конкурираат за настап, но кого и да избере од нив, јасно е дека бронзената селекција од ланскиот Мундијал ќе биде кандидат за највисок пласман. Поголемиот дел од овие играчи, особено ѕвездите настапија на Светското првенство минатата година, а сега репрезентацијата е засилена со кошаркарот на Денвер, Џамал Мареј кој лани не играше поради повреда.
Подготовките за Олимписките игри, Канада ќе ги почне на 28 јуни во Торонто, а планирани се дуели со САД во Лас Вегас на 10 јули и со Франција и победникот од квалификацискиот турнир во Порторико во Орлеан на 19 и 21 јули.
Настапот во Париз ќе биде прв за Канада на Олимписки игри по пауза од 24 години, а ќе се обиде да дојде до вториот медал, по среброто во 1936 година.


