Десетина дена, хрватскиот репрезентативец Марио Хезоња беше во центарот на вниманието на европската кошарка поради изборот на клуб каде ќе игра во иднина.
Минатата недела се наоѓаше пред трансфер во Барселона, но менаџментот на каталонскиот клуб во последен момент се премисли и не му даде договор затоа што претходно се „крстеше“ во навивачите на Реал, екипа каде ги помина претходните две сезони. Во игра беа и Панатинаикос и Партизан, но Хезоња преку социјалните мрежи, утринава објави каде ќе игра.
„Како што сите знаете, по моите последни натпревари во сезоната станав слободен играч и можам да одлучам каде ќе играм следните години. Со никого досега не постигнав договор, а како што најавив претходно, секогаш такви информации прво ќе слушнете од мене.
Реал Мадрид веруваше во мене кога многумина не веруваа, се грижеше за мене и моето семејство од првиот ден кога стигнав и направи да се чувствуваме како дома. Единствена намера ми беше да останам, па со задоволство можам да соопштам дека ќе останам дома, во мојот Реал Мадрид“, напиша Хезоња.
Засега нема информации на колкав период ќе биде потпишан договорот, ниту колкава ќе биде платата на хрватскиот репрезентативец.


