Неколку часа откако соопшти дека е постигнат договор со Ифе Лундберг, Партизан го објави и третото засилување за новата сезона.
Станува збор за францускиот репрезентативец Франк Нтиликина кој во Белград се сели од НБА лигата, поточно од тимот на Шарлот Хорнетс. Иако има само 26 години, французинот веќе е со завидно НБА искуство бидејќи во најсилната светска кошаркарска лига помина седум сезони од кои четири во Њујорк, две во Далас и една во Шарлот.
Во тимот на Хорнетс не се изнаигра и поради тоа одлучи да се врати во европската кошарка. За него беше заинтересирана и Црвена Звезда, но изборот падна на Партизан кој со него повторно ќе биде кандидат за највисок пласман во сите натпреварувања. Нтиликина игра на позицииите 1 и 2, а со белграѓани потпиша договор на две сезони.
Тој има сребро од Олимписките игри со француската репрезентација и бронза од Светското првенство во Кина во 2019 година.


