Младинската репрезентација на Македонија остави одличен впечаток на првиот контролен натпревар пред Европското првенство во Полска кое се игра идниот месец.
Нашата У20 селекција се наоѓа во Подгорица каде денеска и утре се среќава со Црна Гора, а во првиот меч доживеа пораз со 55-66. Конечниот резултат, сепак, не ја отсликува реално ситуацијата на теренот бидејќи македонската репрезентација беше рамноправен, на моменти и подобар противник и можеше да се избори за подобар резултат.
Црна Гора подобро го отвори натпреварот, по пет минути водеше со 12-4, разлика која остана на сила до крајот на првото полувреме (32-24). На стартот од вториот дел, нашите кошаркари направија серија од 7-0 за само -1, а нешто подоцна и ја презедоа контролата над резултатот. Сепак, израмнето беше до 35. минута (54-53) кога почна пеколниот финиш на црногорската селекција. Со серија од 10-0 (вкупно 12-2), противникот го заклучи мечот и само поради подобрата игра во тој период дојде до убедлив триумф.
Најефикасен во македонската репрезентација беше Тома Стојаноски со 15 поени, но ќе беше уште подобар ако шутираше подобро од линијата за слободни фрлања од каде реализира само еднаш од десет обиди. Покрај него, двоцифрен беше само уште Никола Бошалески со 11 поени. Црногорците беа многу подобри под кошевите, остварија 14 скока повеќе од нашата репрезентација (41/27), а имаа дури 18 офанзивни скока.
Вториот натпревар меѓу Македонија и Црна Гора се игра утре од 18 часот по што нашиот тим се враќа за Скопје и тука ќе ги продолжи подготовките до Европското првенство.


