Најдобриот македонски кошаркар во моментов Ненад Димитријевиќ од денеска официјално не е член на Уникс.
По две сезони и една титула во ВТБ лигата, плејмејкерот го напушти тимот од Казан и наскоро ќе се знае каде ќе ја продолжи кариерата. Разделбата ја потврди Уникс преку социјалните мрежи каде му посака среќа и успех на Димитријевиќ во натамошниот дел од кариерата.
„Му благодариме на Нено за професионализмот, посветеноста и желбата и му посакуваме успешно да продолжжи во иднина“, се вели, меѓу другото, во соопштението од Уникс.
И Димитријевиќ имаше само убави зборови за својот досегашен клуб во кој освен титула, освои и две индивидуални признанија – МВП на финалето лани и МВП на сезоната оваа година.
„За овие две години во Казан, развив исклучително блиски односи со многу луѓе со кои уживав во животот. Благодарам за се и многу среќа во иднина“, изјави Димитријевиќ.
Иако уште не е потврдено, би требало кариерата да ја продолжи во редовите на италијанскиот шампион Олимпија Милано.


