Најтрофејниот македонски клуб Работнички ќе мора да бара нови решенија за странските кошаркари бидејќи најмалку двајца од четворицата кои ги бранеа боите на тимот минатата сезона, нема да се вратат.
Договорите на Димитрик Трајс и Квентон Декоузи беа со важност на една година, а по истекот, тие се слободни да си бараат нова средина. Неофицијално, двајцата побарале многу повеќе пари во однос на минатата сезона, а тоа за Работнички не било прифатливо.
Трајс беше еден од најдобрите и најконстантни играчи на Работнички во турбулентната сезона. Одигра 31 натпревар со просек од 15,4 поени и 5,8 асистенции за индекс 17,7. Подобар ефект од него имаше само хрватскиот интернационалец Роберт Рикиќ. Што се однесува до Декоузи, јасно е дека станува збор за одличен играч, но во Работнички не го покажа својот потенцијал и квалитет, а често влијаеше и на атмосферата во екипата. Просечно постигнуваше по 13,8 поени и 4,6 скока, но од него ќе се памтат шлаканицата која му ја удри на Дамјан Стојановски на првото дерби од сезоната поради што доби суспензија од четири натпревари и конфликтот што го имаше со навивачите на стартот од плејоф серијата против Пелистер кога за 21 минута на теренот, шутна само два пати и не постигна ниеден поен. Работнички го загуби тој натпревар на домашен терен и потоа не успеа да го врати брејкот во полуфиналето што значеше и елиминација.
Засега е непознато каква ќе биде судбината на другите двајца странци во тимот, Роберт Рикиќ и Ѓорѓе Џелетовиќ, односно дали тие ќе се вратат и за претстојната сезона.


