Македонскиот репрезентативец Бобан Стајиќ по само една сезона си заминува од Работнички откако денеска поднесе барање за раскин на договорот со 15-кратниот шампион.
Како причина за своето барање, 30-годишниот плејмејкер го навел доцнењето при исплатата на платите и се очекува наскоро да добие дозвола за промена на средината. Тој во Работнички дојде минатото лето од Пелистер и одигра 31 натпревар во првенството со просек од 7,1 поен, 4,5 асистенции и 2,5 скока. Со клубот од Градски парк имаше договор и за претстојната натпреварувачка кампања, но очигледно нема да го одработи до крај. Ова беше негов втор престој меѓу „црвено-белите“ откако таму играше во сезоната 2018/19 и тогаш го освои Купот на Македонија.
Стајиќ е трет кошаркар кој дефинитивно ќе си замине од Работнички во пресрет на новата сезона. Во клубот од Градски парк не се враќаат ниту американските интернационалци Димитрик Трајс и Квентон Декоузи чии договори истекоа со крајот на минатата сезона.


