Трофејниот шпански стручњак Пабло Ласо ѝ приреди шок на европската кошарка откако денеска го напушти тимот на Баерн, само една сезона откако ја презеде тренерската функција.
Германскиот шампион ја објави информацијата преку својата интернет страница и објасни дека станува збор за семејни причини, а договорот е раскинат спогодбено иако тој важеше и за следната сезона.
„Одлуката на Пабло е неочекувана за нас, но ние многу го почитуваме како тренер и личност и сега мораме да му се заблагодариме за работата и залагањето во минатата, успешна сезона. Му посакуваме се најдобро во иднина, тој ќе остане со нас и тоа не само поради двојната круна“, изјави генералниот менаџер на Баерн, Марко Пешиќ.
Засега е непознато кој ќе го наследи шпанскиот стручњак кој претходно, повеќе од една деценија беше на клупата на Реал и оствари огромни успеси со мадридскиот клуб.


