У20 репрезентација на Македонија оствари две победи против Словачка и со тоа ги покри проблемите со кои се соочува последните денови.
На вториот меч, одигран денеска во Кале, селекторот Боро Смилковски не можеше да смета на тројца кошаркари од кои двајца се повредени, а еден болен. Станува збор за Андреј Шошкиќ, Метин Саити и Лука Димитриевски, играчи кои требаа да играат важна улога во оваа репрезентација. Тројцата играа на првиот меч со Словачка, во петокот.
Димитриевски денеска не настапи поради стомачен вирус, Шошкиќ доби поштеда бидејќи се жали на повреди на квадрицепсот на бутот, но тие двајца би требало навреме да заздрават и брзо да се вратат назад во тренажен процес. Најтешка е ситуацијата со Саити кој има повреда на лигаментите и се чекаат деталните прегледи за да се утврди дали станува збор за потешка повреда и дали тој ќе биде во можност да заигра на Европското првенство во Полска.
До заминувањето за Гдиња остануваат уште десетина дена, а дотогаш младинската репрезентација треба да одигра уште два подготвителни натпревари на кои ќе се знае ситуацијата со тројцата кошаркари.


