Повремениот српски репрезентативец Данило Анѓушиќ е седми кошаркар кој летово го напушти тимот на Партизан.
Неговиот менаџер Мишко Ражнатовиќ денеска преку социјалните мрежи, на себе својствен начин откри дека искусниот крилен играч, својата кариера ќе ја продолжи во Дубаи за нешто подоцна и Партизан да ја потврди разделбата со својот кошаркар. Со тоа продолжи егзодусот од Партизан кој, како што стојат работите, во новата сезона ќе влезе со сосема нов тим. Досега од белградскиот клуб официјално си заминаа Пантер, Ледеј, Камински, Доузер, Понитка и Смаилагиќ, на излезна врата се и Нанели и Јарамаз, додека под голем прашалник е останувањето на Кабокло, Смит, Аврамовиќ и Трифуновиќ.
Што се однесува до Анѓушиќ, тој е трет кошаркар во новоформираниот клуб од Дубаи кој претстојната сезона ќе се натпреварува во АБА лигата, по Немања Дангубиќ и Леон Радошевиќ. Тренер на екипата ќе биде Јурица Големац.


